Mahmoud Barakat
14 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
АМАН (АА) - Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, ги повика властите на Иран да ги повлечат сите свои сили од Сирија заради намалувањето на тензиите во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
По состанокот со шефот на јорданската дипломатија, Ајман Сафади, Тилерсон денес во Аман изрази загриженост поради судирот меѓу Иран и Израел на подрачјето на Сирија.
Критикувајќи го официјален Техеран и поради влијанието на либанскиот Хезболах, Тилерсон изјави дека САД од почетокот го поддржува слободен и независен Либан, чии власти треба да имаат контрола над сопствените вооружени сили.
За време на посетата на Тилерсон во Аман, потпишан е и меморандум за разбирање, според кој САД во наредните пет години годишно ќе обезбедува по 1,275 милијарда долари помош за Јордан.
Целта на таа помош е промоција и поддршка на реформите кои ги спроведува јорданскиот крал Абдула II, како и за решавањето на бегалската криза во Јордан, каде што се згрижени голем број на лица од Сирија.
Шефот на американската дипломатија, Тилерсон, утре ќе го посети и Бејрут и ќе се состане со либанските лидери.