Dilara Karataş
11 Мај 2025•Ажурирај: 12 Мај 2025
АНКАРА (АА) - По постигнатиот прекин на огнот меѓу Индија и Пакистан, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „ќе соработува со двете страни за да види дали може да се изнајде решение и за прашањето на Кашмир“, известува Анадолу .
Трамп ги коментираше тензиите меѓу Индија и Пакистан на својот профил на платформата Truth Social.
Изразувајќи го своето задоволство од прекинот на огнот, Трамп истакна дека „милиони луѓе би можеле да ги загубат животите“ доколку тензиите меѓу двете земји ескалираат.
Во врска со прашањето за Кашмир, кое не е решено со години меѓу двете земји, Трамп рече:
„Исто така, ќе соработувам со двете страни за да видам дали по „илјада години“ може да се најде решение за Кашмир.
Трамп нагласи и дека планира „значително да ја зголеми“ трговијата со Индија и Пакистан, иако ова прашање претходно не било во агендата.
- Нападот на Индија и судирите
Судири меѓу двете страни избувнаа кога Индија на 6 мај изврши ракетни напади врз пакистанска територија и регионот Азад Кашмир, кој е под контрола на Пакистан, како одмазда за терористичкиот напад во округот Пахалгам на 22 април, во кој беа убиени 26 лица, за кој го обвини Пакистан.
Пакистан ги отфрли обвинувањата на Индија.
Двете земји прогласија прекин на огнот на 10 мај со посредство на САД.