Selçuk Acar
13 Октомври 2016•Ажурирај: 13 Октомври 2016
ЊУЈОРК (АА) - Републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, од страна на две жени е обвинет за сексуално вознемирување, јавува Anadolu Agency (AA).
По објавувањето на видеата во петокот, во кои Трамп се изразува непристојно за жените, на виделина излегоа наводните скандали на Трамп поврзани со Рејчел Крукс (22) и 74-годишната Џесика Лидс.
Во веста објавена во весникот „Њујорк тајмс“, се вели дека Лидс и Крукс го обвиниле Трамп за сексуално вознемирување.
Лидс изјави дека настанот се случил за време на лет кон Њујорк. Крукс изјави дека била изложена на сексуално вознемирување од страна на Трамп, кога како 22-годишна девојка работела на рецепција во зградата Трамп Тауер.
Досега, Џесика Лидс и Рејчел Крукс за своите наводни обвинувања не подигнале правен акт против Трамп.
- Трамп ги негира обвинувањата -
Трамп, кој во претседателската трка засега се наоѓа за најмалку 5 поени зад кандидатката на Демократската партија на САД, Хилари Клинтон, по објавувањето на веста изјави: „Ништо од кажаното не се случи“.
Трамп за жените што го обвинија за наводните дела рече дека се „одвратни луѓе“.
Републиканскиот кандидат Трамп за видеата што минатата недела се појавија во американските медиуми доби големи критики, првенствено од страна на членовите на својата партија. Трамп се извини за кажаното и рече дека тоа се „разговори од собата за преоблекување“.