Hakan Çopur
17 Август 2020•Ажурирај: 18 Август 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека кандидатот за претседател на САД од редот на демократите, Џо Бајден, е ментално слаб за да им се спротивстави на странските лидери, меѓу кои се и „шахисти од светска класа“ како турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп телефонски се приклучи во програмата на телевизијата „Фокс њуз“ (Fox News) каде што одговараше на прашања од новинарите за актуелните случувања.
Во повеќе наврати Трамп изнесе критики на сметка на противкандидатот од демократите, Бајден, а посебни критики упати во областа на надворешната политика.
Тврдејќи дека Бајден не може да се „носи“ со многу интелигентните светски лидери, Трамп коментираше дека Бајден е „ментално готов“.
„Разговарате со многу интелигентни луѓе. Овие земји имаат лидери кои се врвни шахисти, јас ги познавам. На пример, турскиот претседател Ердоган. Во тој случај, не можете да имате некој [за претседател] кој ниту самиот не знае каде е [Бајден] и не може да излезе од подрумот “, рече Трамп.
Трамп додаде дека добро се сложува со Ердоган и дека одредени лидери повеќепати го молеле телефонски да разговара со Ердоган, затоа што, како што рече, знаат дека него ќе го сослуша.
Бајден во јануари даде интервју за „Њујорк тајмс“ (New York Times) во кое изнесе ставови за Турција, кои наидоа на остри критики од Анкара.