Dildar Baykan
13 Септември 2019•Ажурирај: 13 Септември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, истакна дека Иран сака да има средба со неговата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп одговори на новинарските прашања во дворот на Белата куќа, каде што беше потсетен дека во последните денови често вели дека ќе се сретне со иранскиот претседател Хасан Рохани. „Можам да ви кажам дека Иран сака да има средба со нас“, рече Трамп.
Американскиот претседател се осврна и на разрешувањето на Џон Болтон од функцијата советник за национална безбедност во Белата куќа, и нагласи дека на местото на Болтон нема да дојде американскиот министер за надворешни работи, Мајк Помпео.
Трамп тврди дека функцијата советник за национална безбедност е лесна функција. „Дали знаете зошто е оваа работа лесна? Бидејќи сите одлуки ги носам јас, и вам не ви останува да работите“, додаде тој.
„Не верувам дека тоа е точно, но сѐ е можно“, нагласи Трамп во однос на тврдењето дека Израел во последните две години го преслушувал Трамп и неговиот тим преку разузнавачки уреди кои ги поставил во Белата куќа и во околината на важните институции во Вашингтон.
Американскиот претседател се осврна и на Северна Кореја, давајќи сигнал дека се отворени повторно да одржат средба со оваа земја.