Hakan Çopur
01 Мај 2018•Ажурирај: 01 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека не е затворена вратата за нов нуклеарен договор со Иран, но доколку САД се повлечат од споменатиот договор, тоа нема негативно да се одрази на преговорите со Северна Кореја, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп на заедничката прес-конференција со претседателот на Нигерија, Мухамед Бухари, во Белата куќа, потсети дека на 12 мај ќе ја донесе одлуката дали ќе биде продолжен нуклеарниот договор со Иран. Тој истакна дека станува збор за многу лош договор за САД.
Трамп истакна дека по истекот на десет години од договорот, потпишан во 2015 година, Техеран ќе може едноставно да произведува нуклеарно оружје.
„Таквата ситуација е неприфатлива. Тие не седат со скрстени раце“, рече Трамп, кој додаде дека тоа не значи оти не може да се разговара за вистински договор.
Истакна дека доколку САД се повлечат од договорот, тоа нема негативно да се одрази врз процесот што се води со Северна Кореја.
„Нашето повлекување од договорот нема да биде негативна порака до Северна Кореја, напротив, ќе се испрати правилната порака“, појасни Трамп.
Тој потсети и на изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека Иран лаже за нуклеарната програма.
„Тие изјави докажуваат дека 100 проценти сум бил во право за она што го говорев до денес“, рече тој.
Истакна дека доколку проблемите со иранскиот договор за нуклеарната програма не се решат до 12 мај, САД ќе можат целосно да се повлечат од договорот.
Тој се осврна и односите на САД со Нигерија, укажувајќи на блиските контакти и соработката на полето на борбата против тероризмот и економските односи.
Додаде дека Нигерија од САД ќе купи оружје во вредност од 600 милиони долари и дека оружјето, вклучувајќи и хеликоптери, ќе биде испорачано во најкраток временски рок. Порача дека борбата против терористичките организации како што се ДЕАШ и Боко Харам ќе продолжи.