Michael Hernandez
03 Јануари 2019•Ажурирај: 03 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека очекува по вторпат да се состане со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, иако Вашингтон продолжува да бара од Северна Кореја да изврши денуклеаризација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп изјави дека тој неодамна добил „прекрасно писмо“ од Ким, и тврди дека САД направиле голем напредок во разговорите со Пјонгјанг. Сепак, тој не ги откри деталите од писмото.
„Ние навистина воспоставивме многу добри односи, многу добри работи се случуваат. Имавме состанок пред шест месеци во Сингапур. Веројатно ќе имаме уште еден состанок. Тој би сакал да се состанеме, јас сакам да се состанеме“, изјави Трамп за новинарите во Белата куќа.
Неговата изјава се случи по телевизиското обраќање на Ким во вторникот во кое тој изјави дека би сакал да се состане повторно со Трамп, но предупреди дека Пјонгјанг би можел да продолжи по нов пат, доколку Вашингтон не ги укине санкциите кон неговата земја.
Разговорите меѓу САД и Северна Кореја во голема мера беа забавени поради инсистирањето на Северна Кореја, Вашингтон да почне да го ублажува економскиот притисок, чекор кој САД го отфрлаат сѐ додека не се постигне договор за отстранување на нуклеарното оружје од Корејскиот Полуостров.
Сепак, Трамп ги поздрави тековните преговори, велејќи дека без нив Северна Кореја ќе има голема војна во Азија.
Американскиот сојузник Јужна Кореја одржува паралелни разговори со северниот сосед, барајќи официјално да се заврши корејската војна, како и тоа, да се стави крај на балистичките и нуклеарните програми на Северна Кореја.