Bayram Altuğ
26 Јануари 2018•Ажурирај: 27 Јануари 2018
ДАВОС (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето на 48. Светски економски форум во Давос истакна дека е невозможно да се има слободна трговија доколку некои земји го искористуваат системот за да им нанесат штета на другите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не можеме да имаме слободна и отворена трговија доколку некои земји го искористуваат системот на штета на другите. Поддржуваме слободна трговија, но таа мора да биде чесна и мора да биде реципроцитетна", рече Трамп, додавајќи дека во таа смисла САД ќе го ревидира Транс-пацифичкото партнерство.
„САД ќе го ревидираат Транс-пацифичкото партнерство доколку тоа е во интерес на сите", рече претседателот Трамп.
Нагласи дека САД ги зголеми вложувањата во војската.
„Имаме и историски вложувања во американската војска, бидејќи е сигурно дека не можеме да имаме просперитет без сигурност", рече Трамп и упати индиректна критика на сојузниците во НАТО.
„За да светот го направиме посигурен од режимите, тероризмот и ревизионистичките сили, ги повикуваме нашите пријатели и сојузници да инвестираат во својата одбрана и да ги извршат своите финансиски обврски", рече Трамп.
Американскиот претседател потоа ја претстави својата визија за борба против сиромаштвото.
„Ние ги подигнуваме луѓето од зависноста во значајна независност, бидејќи знаеме дека најдобра програма за борба против сиромаштвото е многу едноставна и многу убава плата", рече Трамп.
Се осврна и на најновата миграциска реформа која се обидува да ја спроведе на дело.
„Мораме да го смениме својот актуелен систем на проширена семејна миграција со системот на прифаќање на луѓе, втемелен на заслугите кој бира нови мигранти врз основа на нивните способноси но и придонесот на нашата економија", рече Трамп.
Истакна дека и другите лидери, како што рече, по неговиот пример, треба да ги стават своите земји на прво место.
„Како претседател на САД, секогаш ја ставам Америка на прво место, како што тоа и лидерите на други земји треба да го прават. Но Америка прва не значи и осамена Америка. Кога расте САД, расте и остатокот од светот. Американскиот просперитет предизвика многу работа ширум светот", нагласи Трамп.
Американскиот претседател во обраќањето искористи прилика да ги нападне медиумите, како што тоа го правеше и претходно, на што во тие моменти од публиката се слушнаа реакции во знак на негодување.
Светскиот економски форум е непрофитна организација основана во 1971 година со седиште во Женева.
Годишниот состанок на форумот се одржува во Давос каде се собираат водечките светски деловни луѓе, политичари, интелектуалци и новинари. На форумот каде се дискутира за светските проблеми оваа година присуствуваат повеќе од 3.000 учесници.