Michael Gabriel Hernandez
13 Март 2025•Ажурирај: 15 Март 2025
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп денес изрази благ оптимизам за преговорите со Русија за предлогот за прекин на огнот и запирање на војната на Кремљ во Украина на најмалку 30 дена, јавува Анадолу.
Обраќајќи им се на новинарите за време на средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Овалната соба, Трамп рече дека неговите претставници во Москва го информирале дека „многу сериозните“ разговори со рускиот претседател Владимир Путин и другите „течат во ред“, но нагласи дека „тоа не значи ништо додека не слушнеме каков ќе е конечниот исход“.
„Би сакале да видиме прекин на огнот од Русија, и не работевме во темно. Разговаравме за украинската земја и делови од територијата, кои би се задржале и би се изгубиле, и сите други елементи на конечниот договор“, рече Трамп. „Тоа не е лесен процес. Но, првата фаза е прекинот на огнот. Разговарани се многу поединечни теми“.
Трамп нагласи дека „многу детали“ за потенцијалниот договор за целосно ставање крај на војната „всушност се разговарани“ со страните.
„Сега ќе видиме дали Русија е таму (се сложува) или не, а ако не е, тоа ќе биде многу разочарувачки момент за светот“, рече тој.
Американските власти нагласија дека топката е во рускиот двор, откако Украина се согласи со предлогот за прекин на огнот во вторникот за време на преговорите со САД во Саудиска Арабија.
Путин претходно денес изјави дека неговата земја се согласува со предлозите за прекин на непријателствата, но само доколку договорот „доведе до долгорочен мир и ги елиминира првичните причини за оваа криза“.