Ekipa
02 Јуни 2019•Ажурирај: 03 Јуни 2019
ЛОНДОН (АА) - На повик на кралицата Елизабета II, претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, утре ќе допатува во официјална посета на Велика Британија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп и неговата сопруга Меланија во Велика Британија ќе престојуваат до среда.
И минатата година Трамп престојуваше во Велика Британија, но не се работеше за официјална посета која вклучува и свечен банкет во Бакингемската палата.
Тоа ќе биде несекојдневна средба на лидери на две земји, која привлекува големо внимание на медиумите и јавноста.
Домаќин на средбата е 93-годишната кралица Елизабета II, која за време на повеќедецениското владеење е позната по тоа што личното мислење го држи за себе, а од друга страна е 72-годишниот Трамп кој секојдневно со 60 милиони следбеници дели нецензурирани лични мислења и идеи.
Во рамките на целодневните спектакуларни банкети во Бакингемската палата ќе бидат одржани и формални седенки на кои принцот Чарлс и неговата сопруга Камила ќе ги угостат Трамп и Меланија.
Идниот британски крал Чарлс јавно предупредува на неопходноста од борбата против климатските промени, а утре ќе му биде домаќин на Трамп, кој буквално ја урива американската политика која е креирана во правец на забавување на глобалното затоплување.