Servet Günerigök
18 Јануари 2019•Ажурирај: 18 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја откажа посетата на делегацијата на Светскиот економски форум во Давос кој треба да се одржи овој месец, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Земајќи го предвид тоа што 800.000 американски работници не се платени и да обезбеди дека неговиот тим може да помогне колку што е потребно, американскиот претседател го откажа патувањето на неговата делегација на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија“, соопшти синоќа прес-секретарот на Белата куќа, Сара Хукаби Сандерс.
Оваа најава се случи неколку часа откако Трамп ја откажа планираната посета во странство на челничката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, со другите членови на Конгресот, кратко пред нивното заминување, повикувајќи се на делумното затворање на Владата.
Патувањето требаше да вклучи стопирања во Брисел, Египет и Авганистан.
Минатиот четврток, Трамп го откажа сопственото патување во Давос, повикувајќи се на моменталното затворање на Владата и се извини поради своето отсуство.
Тој присуствуваше на економскиот самит минатата година. Овогодишниот форум треба да започне на 22 и да трае до 25 јануари.
Трамп продолжува да врши притисок врз демократите за одобрување на 5,7 милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Блокадата на федералната Влада, што го собори рекордот од 21 ден кој беше поставен во 1995 година, претставува најдолга блокада во американската историја, поради тоа што американскиот претседател продолжува да инсистира на финансирање на изградбата на ѕидот, а демократите се противат на тоа.
Многу федерални агенции се или затворени или работат делумно поради прекинот на нивното финансирање, кој започна на 22 декември поради затворањето на Владата.