Michael Hernandez
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (AA) - Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека го откажал состанокот кој во Аргентина требаше да биде одржан со рускиот претседател Владимир Путин, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп на Твитер напиша дека поради тензиите помеѓу Русија и Украина одлучил да го откаже планираниот состанок со Путин во петок на маргините на самитот Г20 во Аргентина.
„Врз основа на фактот дека бродовите и морнарите не се вратени во Украина од Русија, одлучив дека најдобро би било за сите заинтересирани страни да го откажам својот претходно закажан состанок во Аргентина со претседателот Владимир Путин", наведе Трамп.
Сепак, Трамп изрази надеж дека некогаш во иднина ќе одржи состанок со рускиот претседател.
Судирот меѓу Русија и Украина е отворен во неделата, кога бродовите на руската крајбрежна стража отворија оган кон три брода на украинската воена морнарица, кои се обидоа да поминат од Црното Море во Азовското Море низ Керченскиот Теснец, меѓу руското копно и брегот на Крим. Потоа ги запленија бродовите заедно со посадите. Русија го анектираше Крим од Украина во 2014 година.
Украина инсистира на тоа дека нејзините бродови се однесувале во согласност со меѓународното поморско право, додека Русија вели дека не добиле дозвола за премин.