Hasan Esen
07 Февруари 2020•Ажурирај: 09 Февруари 2020
ЛОНДОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп, наводно, на висок тон разговарал со британскиот премиер Борис Џонсон, откако Велика Британија решила кинеската технолошка компанија „Хуавеи“ (Huawei) да ја вклучи како давател на услуги во 5Г-инфраструктурата на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Фајненшал тајмс“ (Financial Times), во веста базирана на официјални лица од Лондон и Вашингтон без да ги именува, објави дека минатата недела американскиот претседател Трамп имал телефонски разговор со британскиот премиер Борис Џонсон.
Трамп, чии предупредувања за „Хуавеи“ не се земени предвид од страна на Џонсон, реагирал остро. Се наведува дека телефонскиот разговор бил „многу тежок“ и дека тонот на Трамп ги изненадил британските власти.
Од Кабинетот на британскиот премиер, во врска со настанот истакнаа дека тие немаат што да додадат, освен соопштението за печатот објавено претходно.
„Премиерот ја истакна важноста на соработката со земјите кои имаат слично размислување за проширување на портфолиото на производите на пазарот и рушење на доминацијата на мал број компании“, се истакна во претходното соопштение во врска со настанот.
Белата куќа не даде никакво соопштение во врска со тоа.
- Притисок од САД за „Хуавеи“ -
Соединетите Американски Држави (САД) тврдат дека „Хуавеи“ е продолжена рака на кинеската држава, дека им помага на кинеските разузнавачки служби и дека претставува безбедносен ризик.
Вашингтон, наведувајќи дека употребата на производи за мобилната мрежа на „Хуавеи“ може да го ограничи споделувањето на разузнавачките податоци на САД, врши притисок врз земјите да избегнуваат користење на опремата од таа компанија.
Велика Британија, која неодамна одлучи на кинеската компанија да ѝ даде ограничена улога во мобилните мрежи, тврди дека со откажувањето од „Хуавеи“ ќе доцни и 5Г-мрежата и дека со тоа трошоците за корисниците ќе бидат зголемени.