Amina Zorniç
13 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
ЈОГЏАКАРТА (АА) - Голем број туристи пред еден објект во градот Јогјакарта на индонезискиот остров Јава го чекаат својот ред за одблизу да ја видат необичната куќа, чиј ентериер е свртен наопаку - спалната соба, кујната, бањата, мебелот и сите детали кои го красат еден дом, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа куќа изградена во градот Јогјакарта не е прва ваква куќа во светот, но секако е една од најголемите туристички атракции на тоа подрачје.
Сето она што, вообичаено, во скоро секој дом во светот се наоѓа на подот - во овој објект е вградено на таванот.
Дури и вазните, навидум полни со вода во кои се наоѓа цвеќе, аквариуми со риби, чинии со овошје, шаховска табла со фигури, уредно поставен доручек на маса, детски играчки расфрлани низ собата, буквално сè „виси” од таванот.
Куќата што ѝ пркоси на гравитацијата секојдневно забавува голем број посетители со својата необична перспектива. Туристите кои го посетуваат ова место речиси и не доаѓаат без своите фотоапарати за да ги забележат неверојатно интересните сцени за фотографирање.
Необичната куќа поради спротивно-ориентираната внатрешност неретко на посетителите на ова место им создава „проблеми” во перцепцијата и ориентацијата.