Yunus Keleş
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
СУЛЕЈМАНИЈЕ (АА) - Земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер синоќа го погоди Ирак, со епицентар во близина на гратчето Халебџе, а Турската Црвена полумесечина е првата хуманитарна организација што пристигна на теренот, јавува Anadolu Agency (AA).
Екипите на Турската Црвена полумесечина прво стигнаа во подрачјето Дербенихан, во областа Сулејманија, а станува збор за регион којшто претрпе најголема штета од земјотресот.

Поради тресењето на тлото, во тоа подрачје се урнаа неколку згради и десетици куќи. Хуманитарците на Црвената полумесечина доставија основна хуманитарна помош до загрозеното население, а потоа почнаа да вршат и инспекција за точно да се утврди што им е најпотребно на луѓето во моментот.
Претставникот на Турската Црвена полумесечина, Огузхан Демир, за АА изјави дека на теренот ќе бидат испратени и дополнителни екипи коишто моментално чекаат да им стигне дојава за тоа каков вид и колкаво количество помош да донесат.

„Како прва хуманитарна екипа којашто пристигна на теренот, веќе почнавме да вршиме увид на состојбата и да разговараме со населението. Го доставивме и првиот шлепер со помош, со ќебиња, храна други основни потрепштини. Се плашевме дека штетата би можела да биде и поголема поради јачината на потресот. Нашите дополнителни екипи чекаат подотвени и во Ирак и во Турција, за да се вклучат во акцијата“, изјави Демир.

Жителот Таха Салих Мухамед изјави дека во земјотресот се урнала неговата двокатна куќа.
„Тоа беше куќа на моето петчлено семејство. Во моментот на потресот панично побегнавме од куќата, и така преживеавме. Неколку минути подоцна, куќата едноставно се сруши. Жената и децата моментално се кај соседот“, изјави Мухамед.