Tayfun Salcı
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
ЛОНДОН (АА) - Ирскиот пејач Боб Гелдоф изјави дека не сака со шефицата на дипломатијата на Мјанмар и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, да го дели истиот орден и соопшти дека ќе го врати „Даблинскиот орден на слободата“, јавува Anadolu Agency (AA).
Гелдоф даде писмено соопштение во коешто наведува: „Се срамиме од нејзината поврзаност со нашиот град. Не смееме да имаме никаква работа со неа. Ние нејзе ѝ оддадовме почит, а таа нѐ посрами“.
Во текстот, Гелдоф наведува дека ќе го врати „Даблинскиот орден на слободата“, кој го дели со Су Чи, истакнувајќи: „Не сакаме да имаме никаква врска со лице што ги остави араканските муслимани да бидат жртва на етничко чистење“.
Гелдоф наведува дека откако Собранието на општина Даблин ќе го поништи орденот доделен на Су Чи, тој ќе биде подготвен повторно да го прими признанието.
Градското собрание на општина Оксфорд минатиот месец донесе одлука да го повлече „Орденот на слободата на Оксфорд“ кој ѝ беше доделен на Су Чи.
Портретот на Су Чи, која студирала на Оксфордскиот универзитет во период од 1964 до 1967, отстранет е од ѕидот на Универзитетот и е ставен во магацин.
Мјанмарската војска, под изговор дека се бори против вооружените милитанти во Аракан, на 25 август започна со напади на местата населени со муслимани Рохинџа. На нападите на мјанмарската војска се приклучија вооружени групи на милитантните будисти, а притоа беа убиени илјадници муслимани.
Од 1970 година, во Мјанмар се спроведуваат систематски напади на етничко чистење. Поголемиот дел од околу двамилионската популација на араканските муслимани мигрираа во соседните држави бегајќи од нападите.