Handan Kazancı
28 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ДАКАР (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пристигна во официјална посета на африканската држава Сенегал, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во Сенегал допатува во рамките на африканската турнеја, откако во текот на изминатите денови ги посети Алжир и Гамбија.
На аеродромот „Блез Диањ“ во Дакар, Ердоган и турската делегација беа пречекани од сенегалската делегација предводена од првата дама на таа африканска земја, Марем Фе Сал.
Ердоган ќе се состане со сенегалскиот колега Маки Сал, а најавено е и нивно заедничко обраќање до новинарите во Дакар.
Во делегацијата што Ердоган ја предводи во посета на Сенегал се и неговата сопруга, Емине Ердоган, потоа шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, турскиот министер за енергетика, Фатих Донмез, турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, министерот за технологија и индустрија, Мустафа Варанк, министерката за трговија, Рухсар Пекџан, шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан, шефот на Дирекцијата за комуникации, Фахретин Алтун, и портпаролот на Кабинетот на Ердоган, Ибрахим Калин.
Властите на Република Турција забрзано ги унапредуваат односите со африканските земји, а интензивирањето посебно е видливо од 2008 година, кога Африканската унија ја прогласи Турција за стратешки партнер на Африка.