Mehmet Şah Yılmaz
06 Октомври 2020•Ажурирај: 06 Октомври 2020
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција реагираше во однос на соопштението на Канада дека привремено го стопира извозот на одредена технологија за Турција со тврдење дека се користи во судирите во Нагорно Карабах, кој е под окупација на Ерменија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за надворешни работи на Турција издаде писмено соопштение во однос на изјавата на Канада дека ја суспендирала продажбата на одредена воена технологија за Турција.
Во изјавата на Министерството се додава дека суспендирањето на извозот на некои производи во Турција е показател на двојниот стандард на Канада.
„Канада не гледа проблем да извезува оружје во земји кои се вклучени во кризата во Јемен, каде што се случува една од најголемите човечки трагедии на овој век. Канада го смета тој извоз како придонес за регионалната безбедност, додека во извештаите од експертите на Обединетите нации (ОН) овие продажби на оружје се предмет на критики. Нема објаснување за суспендирањето на извозот на воена технологија до сојузник на НАТО“, се нагласува во соопштението.
Исто така се додава дека Канада, особено откако Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“, прави проблеми во однос на извозот на воена технологија за Турција, што е надвор од духот на Алијансата и покажува став дека не сака да соработува.
Канадскиот министер за надворешни работи, Франсоа-Филип Шампањ, истакна дека привремено се суспендира извозот на одредена воена технологија за Турција, со тврдење дека се користела во тековниот конфликт во Нагорно Карабах.