Tunahan Akgün
27 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
ТАНЗАНИЈА (АА) - Фондацијата за верски прашања на Турција (ТДВ) им донесе радост на албино сирачињата во Танзанија, кои се родени „бели“ поради недостаток на пигмент во нивните тела, јавува Анадолу.
Службениците на ТДВ и волонтерите на Турско-исламската унија за верски прашања (ДИТИБ), кои допатуваа од Франција и Германија, во рамките на рамазанските хуманитарни активности посетија училишта, сиропиталишта и семејства на кои им е потребна помош во регионот Танга, во Танзанија, доставувајќи околу 500 пакети со прехранбени производи.
Службениците на ТДВ и волонтерите на ДИТИБ го посетија и училиштето во местото Понгве, каде што се школуваат 135 деца албино и 20 деца со оштетен вид и слух.
Тие поминаа време со децата и им поделија подароци во вид на облека, бонбони и играчки.
Директорот за корпоративни комуникации на ТДВ, Хамит Кардаш, за дописникот на АА изјави дека ТДВ ги продолжува своите хуманитарни активности со мотото „сè додека на земјата не завладее добрината“.
Кардаш изјави дека фондацијата помага без оглед на религија, јазик или раса и прецизно ја доставува помошта во Африка.
Албино лицата во Африка, кои се раѓаат „бели“ поради недостаток на пигмент во нивните тела, се соочуваат со поинаков третман и сфаќања во регионот, изјави Кардаш.
„Помагајќи им на албино лицата и на луѓето со други верувања, ние всушност овде ја пренесуваме универзалната порака на исламот и сеопфатната рака на милосрдието на турскиот народ. Албино лицата, бидејќи се чувствителни на светлина, не можат многу да ги отворат очите, но кога ќе го видите тој сјај во нивните очи штом ќе ги здогледаат бонбоните, балоните и подароците – невозможно е човек да не заплаче. Длабоко нѐ трогна тоа што доаѓаа да нè прегрнат и да побараат бонбони штом ќе ги видеа нашите сини елеци. Им препорачувам на сите наши добротвори да не ја забораваат Африка“, рече тој.
Масуд Мохамад, сираче со албинизам кое се школува во ова училиште, изјави дека многу се израдувал кога ги видел службениците на ТДВ и дека нивното доаѓање им влева надеж.
Ученикот Мухтар Абдурахман, исто така сираче со албинизам, истакна дека се среќни кога во училиштето ги гледаат луѓето кои им пружаат поддршка.