КОКС БАЗАР (АА) - Турција им подаде рака на бегалците од Аракан, кои бегајќи од насилствата во Мјанмар, пребегаа во соседен Бангладеш. Испратени се тони храна за араканските бегалци кои се наоѓаат и во Мјанмар и во Бангладеш, јавува Anadolu Agency (AA).
Покрај тоа што хуманитарна помош за араканските бегалци е испратена од страна на невладините организации од Турција, помош се испраќа и се доставува до загрозените и преку турската Црвена полумесечина, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Дирекцијата за управување со кризи и вонредни состојби (АФАД).
Турските хуманитарни агенции започна со дистрибуција на пакети со храна и со други основни намирници меѓу араканските муслимани не само во Мјанмар, туку и во Бангладеш, каде што пребегаа жртвите на насилството.
По телефонскиот разговор на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, со шефицата на дипломатијата на Мјанмар и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, ТИКА испрати 1.000 тони помош за загрозените аракански муслимани.
Координаторот на ТИКА во Бангладеш, Ахмет Рефик Четинкаја, за АА изјави дека по добивањето на потребните дозволи од соодветните органи во Мјанмар, веднаш почнале да ја делат хуманитарната помош.
„Нашите вработени од канцеларијата во Мјанмар ја доставија помошта во подрачјето на Аракан“, изјави Четинкаја, додавајќи дека првата пратка со помош е доставена со локални сили и средства, додавајќи дека се истражуваат различни можности за хуманитарната помош да биде доставувана со хеликоптер.
Четинкаја рече дека поради операциите на мјанмарската војска, во подрачјето не се дозволува да влезе хеликоптер и додаде: „Се обидуваме во соработка со владите на Мјанмар и Бангладеш да им помогнеме на бегалците“.
- Во првата етапа, 55 тони помош за кампот во Бангладеш
Координаторот на ТИКА, Четинкаја, рече дека при посетата на бегалскиот камп во Кутупалонг од страна на Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател, Мевљут Чавушоглу, шефот на турската дипломатија и Фатма Бетуљ Сајан Каја, министерка за семејство и социјални работи, во кампот како прва етапа се доставени 55 тони помош во храна.
Покрај основните прехранбени намирници, како путер, ориз, шеќер, леќа, подготвени се и играчки кои ќе им бидат дадени на децата во кампот. Четинкаја рече дека дел од храната е поделен, а останатиот дел ќе биде поделен во наредните неколку дена.
„Се обидуваме храната да ја доставуваме редовно, во соработка со Владата на Бангладеш“, рече Четинкаја.
Тој истакна дека ТИКА за Бангладеш има подготвено пакет средства во висина од 2 милиони долари, и истакна:
„Во тие рамки, хуманитарната помош не е само за бегалците од Аракан, туку и за жртвите од поплавите кои често се случуваат во Бангладеш. Од камповите дојдоа одредени барања. Станува збор за барања од типот да се формираат образовни центри и болници во камповите. Планираме да започнеме со нивна изградба, но ќе продолжиме и со доделувањето хуманитарната помош“.
- Помош во висина од 2,5 милиони долари од турската Црвена полумесечина
Друга турска организација што им дава помош на бегалците од Аракан е турската Црвена полумесечина, чиј претседател Бора Тумер, како член на делегацијата која го посети Бангладеш, изјави дека досега во Бангладеш доставиле помош во висина од 2,5 милиони долари и додаде оти ќе продолжат да доставуваат помош.
Претседателот на турската Црвена полумесечина за АА изјави дека 2.000 пакети помош во храна се поделени дента кога Емине Ердоган, сопругата на турскиот претседател, шефот на турската дипломатија Чавушоглу и министерката за семејство и социјални работи Каја го посетиле кампот Кутупалонг во близина на градот Кокс Базар, во кој се сместени араканските бегалци.
„Секој пакет ги содржи потребните прехранбени производи доволни за една недела. Минатата недела поделивме и месо од курбан. Раздадовме месо на 22.000 семејства“.
Претседателот на турската Црвена полумесечина, Тумер, рече дека оваа организација ќе продолжи и во наредните денови да доставува помош и додаде: „Ние сме тука од 2012 година. Продолжуваме со нашата помош, како за бегалците од Аракан, така и за народот на Бангладеш“.
- АФАД е подготвен да ги сподели своите искуства
Дирекцијата за управување со кризи и вонредни состојби (АФАД) е подготвена да ги сподели своите искуства, особено оние стекнати во работата со сириските бегалци кои се наоѓаат во Турција.
Претседателот на АФАД, Мехмет Ѓулуоглу, истакна дека оваа организација нема свои канцеларии во странство, како ТИКА и Црвената полумесечина, и додаде: „Подготвени сме како АФАД да ги споделиме нашите искуства со Владата на Бангладеш, особено оние околу бегалците“.
Ѓулуоглу потсети дека тој е поранешен претседател на турската Црвена полумесечина, и истакна дека како организација ќе го интензивираат својот придонес во системот на меѓународни организации и во Обединетите нации.