Beyza Binnur Dönmez
02 Март 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
АНКАРА (АА) ‒ Над 2.000 украински цивили загинаа во текот на седумте дена откако Русија ја започна војната во Украина, соопшти денеска Државната служба за вонредни состојби на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Русија ја уништи транспортната инфраструктура, куќите, болниците и градинките“, се вели во соопштението на службата. „За ова време, повеќе од 2.000 Украинци загинаа, со исклучок на нашите бранители.“
Се додава дека службата успеала денеска да спаси повеќе од 150 луѓе, изгаснала повеќе од 400 пожари кои избувнале по непријателското гранатирање и евакуирала над 500 луѓе. Пиротехничарите, исто така, неутрализирале и 416 експлозивни направи.
„Во тој процес загинаа 10 спасувачи и 13 се повредени“, се вели во соопштението.
Соопштението уследи пред очекуваната втора рунда мировни разговори помеѓу Русија и Украина. Првата сесија се одржа во понеделникот.
Руската војна над Украина, која започна на 24 февруари, се соочи со меѓународна осуда од ЕУ, САД и Велика Британија, кои, меѓу другото, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Многу земји, исто така ја снабдуваат Украина со оружје, го затворија нивниот воздушен простор за руските авиопревозници и ги забранија руските државни медиуми.