Nazir Aliyev Tayfur
25 Март 2022•Ажурирај: 26 Март 2022
КИЕВ (АА) - Украинскиот Генералштаб соопшти дека се пропагира идејата за завршување на војната до 9 мај, кој во Русија се слави како Ден на победата против фашизмот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението дадено на профилот на социјалните мрежи на Генералштабот на Украина се наведува дека имаат информации за тоа дека меѓу персоналот на Вооружените сили на Руската Федерација се пропагира идејата за завршување на војната до 9 мај 2022 година.
Исто така, се истакнува дека воената и политичката администрација на Руската Федерација не се откажала од продолжување на војната против Украина, и покрај сериозните загуби и деморализираниот воен персонал во изминатиот еден месец.
Посочувајќи дека Русија, главно кршејќи ги правилата на војната и игнорирајќи ги барањата на меѓународното право, продолжува да ја уништува инфраструктурата на градовите и селата во Украина, во соопштението се додава дека во некои населени места во регионот Чернихив во Украина, руските војници ја конфискувале земјоделската механизација на селаните за да ги евакуираат нивните оштетени возила.
Меѓу другото, во соопштението се додава дека Русите во градот Докучаевск во областа Доњецк основале идентификациски камп за цивилите кои се обидуваат да побегнат од Мариупол и дека Русија се соочува со големи тешкотии во контролирањето на населението во населбите на територијата на Украина.
Во Руската Федерација, 9 мај е познат како датум кога Советскиот Сојуз победи против нацистичка Германија во Втората светска војна. Од 1945 година, 9 мај се слави како Ден на победата против фашизмот.