Ekip
21 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Тековната руска закана против Украина ќе биде прва на дневниот ред при собирот на министрите за надворешни работи на ЕУ денес во Брисел, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врвните дипломати на ЕУ ќе ја проценат безбедносната ситуација во Украина и ќе дискутираат за тоа како блокот треба да одговори на дејствијата на Москва.
На почетокот на состанокот, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, ќе им се придружи на колегите од ЕУ за да ги информира за ситуацијата и да го координира нивниот одговор.
ЕУ подготви „тешки“ и „суштински санкции“ кои се „наменети да ја ослабнат руската економија“ во случај Москва да одлучи да употреби агресија против Украина, анонимно кажа висок претставник на ЕУ, пред состанокот на министрите.
Изворот потврди дека блокот го развил пакетот санкции во соработка со „земјите со исто размислување“ за да преземат слични дејствија и да „се зајакнат меѓусебно“.
Претставникот објасни дека санкциите ќе бидат усвоени „во рок од неколку дена, а не недели“ ако Русија ја нападне Украина и посочи дека рестриктивните мерки ќе ја вклучат и Белорусија доколку земјата учествува во нападот.
Истакнувајќи дека ЕУ ќе „се држи“ до нејзината стратегија да и покаже на Русија дека „ќе плати висока цена за било какви дејствија против европската безбедност“, експертот рече дека во исто време, блокот ќе ја задржи својата понуда за дијалог.
Министрите исто така ќе разговараат за актуелната политичка криза во Босна и Херцеговина, поттикната од сепаратистичките акции на Република Српска и можните санкции против лидерите кои се сметаат за одговорни за поделбата на земјата.
Блокот ги гледа движењата на сепаратистите како „неприфатливи“, рече претставникот на ЕУ.
Друга тема на дневниот ред на агендата ќе бидат врските на блокот со Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив и ќе вклучи работен ручек на министрите за надворешни работи на Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив за размена на мислења за енергија, трговија и поморска безбедност.
Тие исто така ќе разговараат за состојбата на преговорите во Виена за враќање на Вашингтон и Техеран кон иранскиот нуклеарниот договор.
Сепак, изворот предупреди дека „ништо не е договорено додека не се договори се“, и рече дека е невозможно да се каже дали партнерите ќе постигнат конечен договор во наредните неколку дена.
Дополнително, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе зборуваат за други тековни работи, вклучително и безбедносната ситуација во Мали и ќе одржат вежба за моделирање на нивниот одговор на евентуален голем сајбер напад против блокот.