Burç Eruygur
10 Октомври 2023•Ажурирај: 11 Октомври 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски вчера го најави своето пристигнување во официјална посета на романската престолнина Букурешт, јавува Анадолу.
„Букурешт, Романија. Официјална посета на нашите љубезни соседи кои нѐ поддржаа во најтешкиот момент и чија поддршка само расте со текот на времето“, истакна Зеленски во изјава на Телеграм.
Зеленски рече дека ќе одржи средба со својот романски колега Клаус Јоханис, на која ќе имаат „широк опсег на теми за преговори“.
„Украина ѝ е благодарна на Романија за нејзината искрена и голема помош, која значително ја зајакнува нашата одбрана. И исто така - за најконструктивната солидарност што им овозможува на нашите земји заедно да бидат важни осигурители на безбедноста за светот, вклучително и безбедноста на храната“, нагласи Зеленски.
Тој, исто така, рече дека Украина и Романија веќе имаат воспоставено соработка што ја поддржува стабилноста на многу други земји, додавајќи дека тие можат уште повеќе да ја прошират оваа соработка.
„Денес ќе разговараме за натамошната безбедносна соработка, унапредувањето на авијацијата и други коалиции во одбраната, за зајакнувањето на нашата воздушна одбрана, општата безбедносна архитектура во регионот на Црно Море и односите со нашите партнери. Оваа посета ќе им користи на двата наши народа“, заклучи тој.