Talha Yavuz
17 Февруари 2022•Ажурирај: 17 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Украинскиот претседател Владимир Зеленски ја одобри стратегијата за државната безбедност на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на украинското Претседателство, стратегијата има за цел да обезбеди дека државата интервенира против внатрешни и надворешни закани, со што би се подобрила државната безбедност во согласност со стандардите на Европската Унија и НАТО.
Во соопштението, исто така, се вели дека Русија ја одржува својата хибридна војна против Украина на политички, економски и сајбер полиња. Исто така, се спомнува дека кршењето на човековите права се забележува во нелегитимно окупираниот Крим, како и во регионите под контрола на проруските сепаратисти во Донбас.
Москва, според украинските власти, неодамна распоредила повеќе од 100.000 војници во близина на украинските граници, предизвикувајќи страв дека Кремљ би можел да планира воена офанзива против неговиот сосед.
Москва негира дека се подготвува за инвазија, и ги обвини западните земји за поткопување на нејзината безбедност преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.
Русија, исто така, испрати листа на безбедносни барања кон Западот, меѓу кои повлекување на воените распоредувања од некои поранешни советски земји и гаранции дека некои земји нема да се приклучат кон НАТО.
Во пишаниот одговор на тие барања, Вашингтон рече дека е посветен на одржување на политиката на отворени врати на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Сојузот нема да преговара за основните принципи. Тој ги опиша овие принципи како право на секоја нација да го избере сопствениот пат и способноста на НАТО да ги заштити и брани своите сојузници.