Atila Altuntaş
09 Април 2019•Ажурирај: 15 Април 2019
СТОКХОЛМ (АА) - Уметниците во Шведска (171 од нив), преку писмото кое го објавија во локалните весници, изразија поддршка за бојкотирање на 64. издание на Евровизија, кое ќе се одржи во Израел, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ние, 171 уметник, режисер и продуцент од Шведска, бараме да се бојкотира Евровизијата која ќе се одржи во Израел“, се вели во писмото објавено во сите весници низ земјата, вклучувајќи ги и најголемите „Афтонбладет“ (Aftonbladet) и „Експресен“ (Expressen).
Во писмото се укажува на прекршувањата на човековите права од страна на Израел.
„Сѐ додека Израел ги игнорира основните човекови права и слободи на Палестинците, на ниту еден начин нема да учествуваме во културна размена со Израел и нема да ги поддржуваме културните активности кои ќе се организираат во Израел“, се вели во ова писмо.
Истакнувајќи дека Израел ја искористува Евровизија со цел да ги прикрие злосторствата што ги врши врз палестинскиот народ, уметниците упатија апел до Џон Лундвик, кој ќе ја претставува Шведска на Евровизија, да не биде инструмент во постигнувањето на оваа цел и да се повлече од Евровизија.
Меѓу уметниците кои упатија апел за бојкот се наоѓаат истакнати имиња на Шведска, како Јоаким Тастрем, Микаел Вихе, Лов Антел и Стефан Сундстрем.
Од друга страна, шведската државна телевизија СВТ (SVT) соопшти дека светски познатата американска пејачка Мадона ќе настапи на финалето на 64. издание на Евровизијата кое ќе се одржи на 18 мај во Тел Авив.