Mehmet Yılmaz
09 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
БУДИМПЕШТА (АА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера изјави дека неговата земја е против можните санкции кон Русија кои се однесуваат на увозот на нејзината нафта и природен гас, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот во Лондон со неговите колеги од другите земји од Вишеградската група, Полска, Чешка и Словачка, заедно со британскиот премиер Борис Џонсон, Орбан изјави дека Унгарија го осудува руското започнување војна против Украина, но нема да дозволи унгарските семејства „да бидат натерани да ја платат цената на војната“.
Тој рече дека во интерес на сите е војната да заврши што е можно поскоро и дека неговата земја ќе вложи максимални напори да го стори тоа.
Истакнувајќи дека санкциите наметнати на Русија ги погодија сите земји во Европа, тој рече дека проширувањето на санкциите кон рускиот енергетски сектор ќе влијае на Унгарија „многу сериозно“.
Орбан рече дека Унгарија купува најголем дел од нафтата и природен гас од Русија и 90 отсто од унгарските семејства ги загреваат своите домови со гас, додавајќи дека унгарската економија не може да функционира без нафта и гас.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна повлекување на светски фирми од Русија.
Најмалку 474 цивили се убиени, а 861 се повредени во Украина од почетокот на војната, според ОН, кои истакнаа дека условите на терен отежнуваат да се утврди вистинскиот број.
„Околу 2 милиони луѓе побегнаа и во соседните земји“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.