Gökhan Kavak
29 Март 2023•Ажурирај: 30 Март 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) предупреди дека епидемијата на колера брзо се шири на африканскиот континент, пренесува Анадолу.
Во писменото соопштение на УНИЦЕФ се наведува дека епидемијата на колера во Африка рапидно се шири и дека состојбата е на алармантно ниво.
Во соопштението се наведува дека епидемијата се проширила особено во источните и јужните африкански земји, и дека колерата претставува опасност за децата.
Меѓу земјите најпогодени од епидемијата се Бурунди, Етиопија, Кенија, Малави, Мозамбик, Сомалија, Јужен Судан и Танзанија.
Во соопштението е подвлечено дека покрај сиромаштијата и конфликтите, епидемијата на колера побрзо се шири поради временските услови, како што се поплавите и ураганите.
Колерата, која е предизвикана од бактеријата „вибрио“ и се пренесува преку храна и вода, предизвикува силна дијареја и дехидрација на телото. Болеста може да биде фатална ако не се лекува.
Неможноста да се задоволи потребата за чиста вода и неможноста да се обезбеди итна и ефикасна медицинска интервенција го зголемува ризикот од болест и смрт.