Beyza Binnur Dönmez
25 Април 2019•Ажурирај: 25 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Агенцијата на ОН за помош на бегалците (УНХЦР) вчера изврши евакуација на 325 бегалци од притворскиот центар „Каср бин Гаширна“, на периферијата на Триполи, главниот град на Либија, поради влошувањето на безбедносната ситуација и ескалацијата на судирите, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Преселувањето е извршено по извештајот во вторникот за вооруженото насилство врз притворениците, кои протестираа поради лошите услови во центарот“, се наведува во соопштението на УНХЦР.
„Опасноста за бегалците и мигрантите во Триполи никогаш не била поголема отколку што е во овој момент“, изјави Метју Брук, заменик-шефот на мисијата на УНХЦР во Либија
„Бегалците се префрлени во друг притворски објект во Азавја на северозападниот дел на Либија, каде што се изложени на помала опасност и каде што им е обезбедена храна, вода и медицинска нега“, се истакнува од УНХЦР.
Повеќе од 825 бегалци се евакуирани во изминатите две недели од различни притворски центри во близина на зоната на судири во и околу Триполи.
Калифа Хафтар, воениот командат со седиште во источна Либија, на 4 април покрена воена акција со амбициозен план да го освои главниот град Триполи, во кој се наоѓа седиштето на Владата на национално единство.
Либија е средиште на превирања од 2011 година, кога востанието поддржано од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот лидер Муамер Гадафи, кој беше на власт во земјата цели четири децении.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Бенгази, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи, поддржано од ОН.