Melike Pala
21 Јануари 2026•Ажурирај: 22 Јануари 2026
БРИСЕЛ (АА) – Европа се наоѓа на крстопат во услови на континуирана ерозија на меѓународниот поредок, а иако Европската Унија претпочита дијалог и преговарачки решенија, таа е целосно подготвена да дејствува со единство, итност и решителност доколку биде неопходно, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, јавува Анадолу.
Обраќајќи се пред Европскиот парламент, Фон дер Лајен предупреди дека неодамнешните глобални случувања покажуваат оти промената на меѓународниот поредок не е привремена, туку трајна, што бара Европа брзо да се приспособи, истовремено бранејќи ги меѓународното право и демократските принципи.
„Се наоѓаме на крстопат. Европа претпочита дијалог и решенија, но целосно сме подготвени да дејствуваме, доколку е потребно, со единство, итност и решителност“, рече таа.
Фон дер Лајен предупреди дека светот сè повеќе се дефинира преку сурова моќ и истакна дека Европа мора да ги зајакне сопствените инструменти на моќ, вклучувајќи и силна економија, конкурентен единствен пазар, како и капацитети во технологијата и иновациите.
Осврнувајќи се на тензиите на Арктикот, таа нагласи дека Гренланд не е само стратешка територија богата со ресурси, туку „пред сè дом на слободен и суверен народ“.
„Иднината на Гренланд е исклучиво во рацете на Гренланѓаните“, рече таа, потврдувајќи ја усогласеноста на Европа со САД во рамките на НАТО кога станува збор за безбедноста на Арктикот, но истовремено отфрлајќи ја употребата на безбедносни аргументи за оправдување дополнителни царини меѓу сојузниците.
„Доколку сега западнеме во опасна надолна спирала меѓу сојузниците, тоа само ќе ги охрабри нашите вистински противници“, предупреди Фон дер Лајен.
Таа, исто така, ги истакна проширените глобални трговски партнерства на ЕУ, вклучително и неодамна потпишаниот договор со јужноамериканскиот блок Меркосур, како и тековните преговори со Индија, оценувајќи дека диверзифицираната трговија ја зајакнува независноста и отпорноста на Европа.
- Коста: Не смее да надвладее законот на посилниот -
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, денес предупреди на ерозијата на меѓународното право и ја отфрли идејата за глобален поредок заснован на политика на моќ, нагласувајќи дека прекршувањата на меѓународното право не можат да се толерираат никаде – од Украина и Газа, до Гренланд, Африка и Латинска Америка.
Обраќајќи се пред Европскиот парламент, Коста изјави дека ЕУ „не може да прифати законот на посилниот да надвладее над правата на послабите“, истакнувајќи дека меѓународните правила не се „опционални“ и дека сојузништвата не можат да се сведат на трансакциски односи.
„Не можеме да прифатиме прекршувања на меѓународното право. Никаде. Без разлика дали станува збор за Украина, Гренланд, Латинска Америка, Африка или Газа. Не можеме да прифатиме прекршувања на човековите права – било во Иран, Судан или Авганистан“, рече Коста.
Тој оцени дека Европа се соочува со невидени геополитички предизвици, меѓу кои војната во Украина, зголемениот притисок врз меѓународниот поредок заснован на правила и затегнатите трансатлантски односи.
Коста ги наведе трите столба на европскиот одговор: Европа на принципи, Европа на заштита и Европа на просперитет, додавајќи дека сите три се ставени на сериозен тест.
„Наместо царини, Европската Унија нуди партнерства“, изјави Коста, предупредувајќи дека понатамошното воведување царини би ги поткопало трансатлантските односи и би ги нарушило постојните договори меѓу ЕУ и САД.