Ruslan Rehimov
07 Февруари 2022•Ажурирај: 09 Февруари 2022
БАКУ
Во Баку, Азербејџан, беше претставен најголемиот Фестивал на авијација, вселенско истражување и технологија во светот (Текнофест Азербејџан), што треба да се одржи од 26 до 29 мај, јавува Агенција Анадолија (АА).
На програмата за презентација на Фестивалот, чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија (АА), присуствуваа азербејџанскиот министер за дигитален развој и транспорт, Ресат Небиев, помошник-министерот за индустрија и технологија на Турција, Мехмет Фатих Каџир, помошник-министерот за одбрана, Мухсин Дере, помошник-министерот за здравство, Суајип Биринџи, претседателот на Директоратот за турска дијаспора и сродните заедници (YTB), Абдула Ерен, лидерот на ТУБИТАК, Хасан Мандал, извршниот директор на „Бајкар“, Халук Бајрактар, технолошкиот лидер на „Бајкар“, Селџук Бајрактар, и други гости.
Небиев рече дека тоа што Текнофест се одржува во Азербејџан е јасен показател за пријателството, братството и сојузничкото партнерство меѓу двете земји.
Тој додаде дека тоа што се домаќини на овој фестивал претставува голема чест и одговорност.
Тој посочи дека Текнофест ќе има влијание во привлекувањето на младите Азербејџанци кога се во прашање науката, технологијата и иновациите.
Технолошкиот лидер на „Бајкар“, Селџук Бајрактар, рече дека Текнофест започнал со еден сон и сега ја одбележува својата петта годишнина со поддршката од турскиот народ.
Тој додаде дека сонот почнал од Истанбул, а потоа ги надминал границите на Турција.
„Текнофест е всушност ветар на револуција. Ова е заеднички пат по кој чекориме со сите делови на нацијата за да станеме земја која развива висока технологија. Во срцето на Текнофест се технолошките натпревари засновани на идните трендови“, рече Бајрактар.
Тој потсети дека Фестивалот втората година го посетиле 1,7 милиони луѓе, со што станал најголемиот фестивал за авијација, вселенско истражување и технологија во светот.
Тој потсети дека овогодинешниот фестивал во Турција ќе се одржи во Самсун и ги покани сите да го посетат Црноморскиот Регион и Текнофест.
Селџук Бајрактар рече дека Текнофест од ден на ден расте и дека добиваат сериозни понуди од странство.
„Кога размислувавме да го организираме Текнофест надвор од границите на Турција, сфативме дека тоа треба да се направи прво во братска земја. Затоа го организираме првиот Текнофест надвор од границите на Турција во Азербејџан“, рече Бајрактар.
Тој се осврна и на важноста на силната национална одбранбена индустрија и посочи дека беспилотните летала на Република Турција, Бајрактар, се најдобар пример. Потсети дека овие авиони се од големо значење во борбата на Турција против тероризмот, а нивните перформанси се видливи и во Карабах.
„Карабах е ослободен од окупацијата. Луѓето од Карабах почнаа да се враќаат во своите домови. Затоа нашите луѓе треба да ја развиваат високата технологија независно од другите. Ние сме дома во Баку. Еден народ заедно, повторно сме заедно“, рече тој.
Тој додаде дека Текнофест во Азербејџан започнува со десет натпревари и ги повика сите заинтересирани да се пријават на овие натпревари до 17 февруари.
„Треба да се фокусираме на технолошките прашања кои се трендови на иднината, а не да се натпреваруваме во она што е зад нас. Бидете дел од создавањето силна иднина за Азербејџан“, рече Бајрактар.
Додаде дека се подготвени да придонесат на сите начини.
„Заедно со нашите колеги во Азербејџан, ќе имаме млади браќа во научните центри што ќе се занимаваат со роботика, кодирање, вештачка интелигенција, кибербезбедност и други технолошки прашања кои се иднината“, рече Бајрактар.