Vakkas Doğantekin
04 Октомври 2019•Ажурирај: 05 Октомври 2019
ANKARA (AA) - Социјалната мрежа Фејсбук денеска отстрани 211 профили, 107 страници, 43 групи и 87 Инстаграм профили поради вмешаност во координирано неавтентично однесување, а кои потекнуваат од Обединетите Арапски Емирати, Египет и Нигерија, јавува Anadolu Agency (AA).
Фејсбук во издаденото соопштение објави дека координираните мрежи примарно постирале видеоснимки, фотографии и веб-линкови за промовирање на ОАЕ, активностите на земјата во Јемен и критиките за Катар, Турција и Иран.
Фејсбук во својата истрага пронајде поврзаност со три маркетинг-фирми: „Charles Communications“ во ОАЕ, „MintReach“ во Нигерија и „Flexell“ во Египет“, се вели во соопштението.
Повеќето профили што беа затворени се занимаваа со клеветење на Турција и Катар, како и на други сунитски муслимански движења и фигури во регионот, како Муслиманското братство и неговиот духовен водач Јусуф ал Карадави.
Во истрагата е откриено дека зад политички мотивираната кампања на социјалната мрежа се наоѓа поврзаност со египетскиот весник „Ал Фагр“ (El Fagr).
Обединетите Арапски Емирати се мала држава во Заливот со население помалку од 10 милиони, од кои само една десетина се државјани на ОАЕ, додека останатите се доселеници.
Неодамна и социјалната мрежа Твитер затвори илјадници профили во ОАЕ и Египет поради слични причини.