Andrew John Roesgen
03 Ноември 2021•Ажурирај: 04 Ноември 2021
ЧИКАГО (АА) - Фејсбук вчера објави дека ја прекинува употребата на технологијата за препознавање лица и ги брише „отпечатоците од лицето“ на преку милијарда корисници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Компанијата, сега наречена „Мета“, а која го задржа името Фејсбук за својата платформа на социјален медиум, соопшти дека општествената загриженост, која сѐ повеќе расте, е причина за прекинување на користењето на оваа технологија и дека регулаторите треба допрва да обезбедат јасни правила за нејзината употреба.
Без разлика дали некој корисник на Фејсбук се определил за технологијата за препознавање лице, која опфаќа околу 640 милиони луѓе, или се откажал од тоа, на сите корисници ќе им бидат избришани „отпечатоците од лицето“.
Но, загриженоста за препознавање на лицето и приватноста беше присутна и претходно. Во 2020 година, американската сојузна држава Илиноис успешно го тужеше Фејсбук со 550 милиони долари за кршење на Биометрискиот закон за приватност на таа држава со собирање „отпечатоци од лицето“ на корисниците без нивна изрична дозвола.
Во 2019 година, градот Сан Франциско, во близина на седиштето на Фејсбук, стана првиот град во Америка што ја забрани технологијата. Во тоа време компанијата почна да ја намалува употребата на „означување“ на фотографии со помош на препознавање на лицето.
Исто така, постоеше загриженост дека Кина ја искористила технологијата за да го надгледува регионот кој во најголем дел е дом на муслиманско население.
„Оваа промена ќе претставува една од најголемите промени во употребата на препознавање лице во историјата на технологијата“, изјави Џером Песенти, шеф на Одделот за вештачка интелигенција на „Мета“.
Песенти ги нагласи и придобивките од технологијата, особено за слепите и лицата со оштетен вид. Тој, исто така, рече дека компанијата разгледува одредени случаи во кои препознавањето на лицето може да се користи за да се потврди идентитетот на лицето за користење одредени финансиски производи или да отклучи личен уред.
Но Песенти изјави дека загриженоста во врска со технологијата за препознавање на лицето во општеството и несигурноста за тоа како на крајот ќе се регулира, довело до таа одлука.