Bekim Laci
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) – Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) заради потребата од почитување на одредбите на Законот за електронски комуникации има намера да распише јавен тендер за избор на еден или повеќе даватели на универзална услуга за фиксна телефонија што ќе им овозможи пристап до интернет на граѓаните во далечните рурални средини, јавува Anadolu Agency (АА).
Како што информираше на денешната прес-конференција директорот на АЕК, Сашо Димитриевски, давателот на услугата покрај другото ќе обезбеди пристап до интернет со брзина од најмалку 2 мегабајти во секунда, со цени прифатливи за сите домаќинства што досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии.
„Станува збор за домаќинства на оддалечени локации, за коишто операторите немаат комерцијален интерес да инвестираат и да обезбедат пристап до интернет. Според податоците со коишто располага Агенцијата, околу 10.000 домаќинства во Република Македонија немаат можност да се поврзат на интернет со брзина што ќе им обезбеди ефикасен пристап”, изјави Димитриевски според кого, давачките ќе бидат покриени од посебниот фонд во агенцијата бидејќи се работи за непрофитабилна инвестиција.
„Во агенцијата е формиран фонд за универзална услуга во кој операторите секоја година учествуваат процентуално со дел од своите приходи. Тука се акумулирани средства со кои ќе се компензираат дополнителните трошоци за операторот што ќе инвестира на местата каде што нема економска исплативост“, додаде Димитриевски наведувајки дека има голем интерес кај жителите на тие рурални средини.
Димитриевски објасни дека давателот на услугата треба да преземе мерки со цел на лицата со инвалидитет да им се обезбеди пристап на интернет, поради што ќе се инвестира во опрема за слепите и глувонемите лица.
Намерата за спроведување на постапката на јавен тендер вчера беше објавена во три дневни весници и на веб-страницата на агенцијата за да се овозможи јавна расправа.