İlker Girit
02 Ноември 2017•Ажурирај: 03 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Финска авиокомпанија презеде необичен чекор, поканувајќи ги патниците да се качат на вага за мерење додека се пријавуваат со нивниот багаж, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорката на финската авиокомпанија „Finnair“ (Финер), Пајвит Талквист, денес за АА изјави дека мерењето е доброволно и анонимно, како дел од истражувањето што се прави за да се утврди дали компанијата ги има точните податоци за стандардната тежина на патниците (нешто што е клучно за безбедноста на летот).
Стандардната тежина на патниците одредена од страна на Европската агенција за воздухопловна безбедност (ЕАСА) во 2009 година, е 88 килограми за мажи, 70 килограми за жени, 35 килограми за деца, заедно со рачниот багаж.
Сепак, „Finnair“ тврди дека сите авиокомпании имаат свои насоки во однос на профилот на патниците, кои можат многу да се разликуваат.
„На пример, деловните патници честопати имаат поинакви количини багаж за носење од оние што патуваат слободно, и постојат разлики во тежината на мажите и жените“, рече Талквист.
Иако патниците генерално не се свесни за важноста на рамнотежата на авионот, бруто-тежината и центарот на рамнотежата се клучните вредности што пилотите ги испитуваат пред секое полетување.
Овие пресметки се клучни за летот, бидејќи пилотите носат одлуки за височината и брзината на летот според овие вредности.
Стабилноста и контролата можат да бидат сериозно нарушени ако авионот е неправилно избалансиран.
„Сакаме да бидеме сигурни дека ги имаме најдобрите можни податоци за летот и пресметките за товарот“, изјави Талквист.
Таа наведе дека првичната реакција на нивните клиенти била позитивна, и дека околу 180 патници биле замолени оваа недела да учествуваат во мерењето на аеродромот во Хелсинки.
„Прекрасно е тоа што многу луѓе сакаа да бидат дел од ова истражување“, додаде таа.
Претходно и други авиокомпании направија слични истражувања, а „Finnair“ спроведе слична акција во 1980 година.
Компанијата вели дека ќе работи на проектот до наредната пролет.