Alma Dekovic
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
БЕРЛИН (АА) - Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан ќе ги хармонизираат плановите за излез од кризата во духот на солидарноста и заемната отпорност, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, известува Агенција Анадолија (АА).
„Ги повикуваме нашите партнери од Западен Балкан да ни се приклучат во европскиот обид да имаме заедничка платформа за набавки. Мораме да имаме голема пазарна моќ. Тоа го можеме само доколку бидеме заедно“, изјави Фон дер Лајен на конференцијата за новинари по Самитот на Берлинскиот процес во главниот град на Германија.
Таа рече дека јакнењето на заедничкиот пазар во регионот е пресвртна точка за приклучување кон единствениот европски пазар, а во врска со тоа го поздрави и потпишувањето на трите договори за мобилност кои на денешниот Самит ги потпишаа лидерите на шесте земји од регионот.
„Тоа е клуч за развој на заедничкиот пазар, но исто така, е и клуч за интеграција на Западен Балкан на единствениот европски пазар“, рече претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен изјави дека целта на Европската Унија е партнерите од Западен Балкан да бидат што е можно поблиски едни со други.
„Еден од правците на движење е процесот на пристапување и тука навистина постигнавме голем напредок. Повторно проширувањето го ставивме на нашиот дневен ред“, рече Фон дер Лајен, истакнувајќи дека земјите од регионот постигнале голем напредок на патот кон членство во ЕУ.
Таа рече дека следна цел е будење на економската интеграција, имајќи предвид дека европскиот континент се соочува со големи потешкотии, првенствено предизвикани од руската инвазија на Украина.
„Нашите инвестиции на Западен Балкан не се само важни за деловното опкружување. Тоа се вложувања во мирот, стабилноста и просперитетот на цела Европа“, рече Фон дер Лајен.
Шефовите на владите на шесте економии од Западен Балкан денеска на маргините на Берлинскиот процес во Берлин потпишаа три договори за мобилност во рамките на Акциониот план за заеднички регионален пазар, за слободно движење со лична карта, за признавање на високообразовните квалификации и на професионалните квалификации за докторите на медицина, стоматологија и за архитектите.
Лидерите на Западен Балкан во Берлин ја усвоија Заедничката декларација за енергетска сигурност и зелена транзиција, со што ја потврдија посветеноста на регионот за Зелена агенда, со цел осигурување на неутралноста од јагленот до 2050 година.
„Ние сме обединети во остварувањето на климатската неутралност до 2030 година. Ако сега погледнеме на моменталната криза, многу е важно да ги синхронизираме нашите чекори“, рече претседателката на Европската комисија.
Фон дер Лајен ја истакна неопходноста цела Европа со заедничко дејствување да ги диверзификува енергетските извори и да ја намали зависноста од руските фосилни горива.
„Драго ми е што можам да кажам дека ЕК ќе има пакет на поддршка за енергија за Западен Балкан во износ од милијарда евра во грантови. Првиот дел од 500 милиони, како моментална финансиска поддршка за шесте земји на Западен Балкан, за да бидат во позиција краткорочно да им помогнат на ранливите претпријатија и домаќинства. Преостанатите 500 милиони евра во грантови ќе бидат наменети за вложување во енергетската инфраструктура. Тука спаѓаат инвестиции во природен гас, струја, конектори, за да има заедничка мрежа и поврзаност на регионот со ЕУ“, рече Фон дер Лајен.