Şeyma Erkul Dayanç
19 Ноември 2026•Ажурирано: 19 Ноември 2026
Франција го зголеми нивото на ризик од птичји грип од умерено на високо на целата територија на континенталниот дел од земјата. Новата мерка стапува на сила утре (петок), се наведува во денешната одлука објавена во Службениот весник, јавува Анадолу.
Класификацијата „висок ризик“ е највисокото од трите нивоа според француските прописи и повлекува дополнителни мерки за надзор и превенција, чија цел е да се ограничи ширењето на вирусот кај домашната живина.
Министерството за земјоделство како причини ги наведе зголемениот број случаи кај дивите птици во неколку соседни земји, како и присуството на вирусот покрај миграциските рути што минуваат низ Франција.
Во текот на изминатите недели, во Франција беа регистрирани и неколку жаришта на болеста, вклучително и кај живината што се одгледува во домаќинствата во департманите Жиронд и Сена-Маритим, како и во департманот Ланд, кој е значаен регион за одгледување патки.
Нивото на ризик претходно беше намалено на „занемарливо“ на почетокот на јуни, по епидемијата што се појави во текот на зимата 2025-2026 година.
Од есента 2023 година, вакцинацијата е задолжителна на француските фарми каде што се одгледуваат повеќе од 250 патки.