Emre Aytekin
19 Август 2020•Ажурирај: 19 Август 2020
ПАРИЗ (АА) - Франција го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) да одржи вонредна седница поради пучот во Мали, поради кој претседателот на таа африканска земја, Ибрахим Баубакар Кита, беше приморан да ги распушти Парламентот, Владата и да поднесе оставка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според дипломатски извори, Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), на покана на Франција и Нигер, денес ќе одржи затворен состанок на кој ќе разговара за ситуацијата во Мали.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан изрази длабока загриженост за последните случувања во Мали.
„Франција е загрижена за пучот. Ние целосно го осудуваме овој настан“, рече Ле Дриан, и ги повика војниците кои учествуваат во пучот да се вратат во своите касарни и да го сочуваат уставниот поредок.
Нагласи дека Франција ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата во Мали.
„Франција и понатаму ќе продолжи целосно да го поддржува суверенитетот и демократското уредување на Мали“, додаде Ле Дриан.
Претседателот на Мали, Кита, премиерот Бубу Сисе и неколку високи функционери вчера беа уапсени за време на пучот извршен од дел од Вооружените сили на земјата.
Кита и Сисе однесени се во воениот камп во Кати, на 15 километри северозападно од главниот град Бамако. Претходно беше објавено дека во воениот камп се слушнале пукотници и дека дошло до раздор во Вооружените сили на група што го започна бунтот и на оние што му останаа лојални на претседателот Кита.
Локални извори јавија дека неидентификувани вооружени лица ги уапсиле и министерот за финансии, претседателот на Националното собрание и неколку други истакнати функционери.
Во Мали веќе неколку месеци владеат протести за време на кои опозицијата и демонстрантите бараат оставка на претседателот Кита. Тензиите во Мали избувнаа во 2012 година по неуспешниот пуч и побуната на Туарезите, што на крајот доведе до тоа милитантните групи поврзани со Ал Каеда да ја заземат северната половина од земјата.