Necva Taştan Sevinç
27 Февруари 2026•Ажурирај: 27 Февруари 2026
ИСТАНБУЛ (АА) - Кривичниот суд во Париз ја осуди иранската државјанка Махдие Есфандијари на една година затвор и ѝ изрече трајна забрана за престој на територијата на Франција, поради наводи за „оправдување тероризам“ преку онлајн коментари поврзани со 7 октомври 2023 година, денот кога Израел ја започна војната во Газа, јавува Анадолу.
Според весникот „Ле Монд“, 39-годишната Есфандијари добила четиригодишна казна затвор, од кои три години се условни.
Обвинителството побарало иста казна, но оценило дека нема потреба повторно да биде притворена, со оглед на тоа што веќе поминала околу осум месеци во притвор пред судењето
Пресудата се смета за потенцијално значајна во контекст на дипломатскиот дијалог со Иран во врска со француските државјани Сесил Колер и Жак Париз, кои беа приведени во Иран во мај 2022 година и подоцна осудени за шпионажа, обвиненија што нивните семејства ги негираат.
Тие беа ослободени во ноември 2025 година, но и понатаму се под забрана за напуштање на Иран.
Иранските власти јавно изразија желба за размена на Есфандијари за двајцата француски државјани по завршувањето на судските постапки во Франција.
Кон крајот на ноември, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во изјава за „Франс 24“ рече дека е постигнат договор и дека Техеран го очекува завршувањето на судските процедури во двете земји.
Француските власти ја обвинуваат Есфандијари за промовирање тероризам онлајн и за вмешаност во финансирање и управување со профили на социјалните мрежи поврзани со таканаречената „Оска на отпорот“ - неформален сојуз што наводно ги вклучува Иран, Сирија, Хезболах и други антизападни или антиизраелски милициски групи во регионот.
На судењето, Есфандијари призна дека креирала канал на Телеграм, но негирала дека е автор на спорните објави.