Alaattin Doğru,Enes Canlı
20 Јули 2022•Ажурирај: 21 Јули 2022
ПАРИЗ (АА) - Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави дека е неопходно да се работи на длабоките политички причини кои предизвикуваат повеќегодишен застој во процесот на решавање на палестинското прашање и дека тоа е можно со ставање крај на едностраните потези на теренот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Макрон во Елисејската палата во Париз го прими палестинскиот претседател Махмуд Абас, а пред почетокот на состанокот со новинарите ги поздрави напорите кои Абас ги вложува со цел зачувување на мирот во Палестина и додаде дека денешниот состанок е важен во контекст на загрижувачката ситуација на Блискиот Исток.
„Мораме да работиме на длабоките политички причини на долгогодишниот застој. Тоа е можно со ставање крај на еднострани чекори на теренот“, рече Макрон.
Тој истакна дека раселувањето на палестинските семејства, рушењето на палестинските куќи и израелската политика на илегални населби оддалечуваат од можноста за воспоставување мирна палестинска држава покрај Израел.
Истакнувајќи дека е потребно да се обнови политичкиот дијалог помеѓу Израелците и Палестинците, Макрон рече дека потрагата по мир нема алтернатива.
„Франција ќе продолжи да го поддржува палестинскиот народ. Палестина, исто така е погодена од недостигот со храна предизвикан од војната на Русија и Украина“, рече Макрон.
Абас своето обраќање кон новинарите го започна со потсетувањето на смртта на палестинската новинарка Ширин Абу Аклех, која ја застрелаа израелските сили во северниот град Џенин на окупираниот Западен Брег.
„Меѓународната заедница треба да има само еден критериум и ние сакаме убијците на Аклех да бидат процесуирани“, рече Абас.
Истакнувајќи дека дводржавното решение за израелско-палестинското прашање е загрозено со практиките на Израел, Абас ја нагласи потребата да се запре едностраната израелска практика.
Тој рече дека решението на кризата подразбира воспоставување палестинска држава во границите од 1967 години, со Источен Кудс (Источен Ерусалим) како главен град.
Абас порача дека Палестина е подготвена на соработка со Франција, Европската Унија и арапските земји.
„Ги отфрламе обидите на Израел да го промени карактерот и идентитетот на Кудс, неговата политика на депортација, рушењето на палестинските домови, нападите на христијанските и муслиманските вредности, имотот и светилиштата, како и политиката на населување и насилство на доселениците“, рече Абас.