Handan Kazancı
16 Март 2020•Ажурирај: 16 Март 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Швајцарија вчера потврди дека има 841 нов случај на заразени со коронавирусот, при што бројката на заразени се зголеми на 2.200, соопштиja здравствените власти во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Федералната канцеларија за јавно здравје во Швајцарија соопшти дека бројот на починати лица како последица на вирусот, се искачил на 14.
Како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот, сите училишта во земјата се затворени.
Швајцарската државна новинска веб-страница „Swissinfo“, објави дека за првпат на 16 март швајцарската армија ќе распореди болнички баталјон за поддршка на другите цивилни болници, со капацитет од 200 пациенти.
Во Франција, министерот за здравство, Оливер Веран, изјави дека вчера вкупно 29 лица починале како последица на Ковид-19, при што вкупниот број на починати од вирусот во земјата изнесува 120.
„Потврдените случаи на заразени во земјата се зголемија на 5.400“, додаде Веран.
„Во меѓувреме во Холандија до 6 април ќе бидат затворени сите училишта и дневни центри“, изјави министерот за образование, Ари Слобс.
Холандскиот министер за здравство, Бруно Бруинс, вчера најави затворање на спортските клубови, кафулињата и рестораните.
Коронавирусот првпат се појави во градот Вухан, Кина, но потоа се прошири во над 150 земји и територии.
Според Светската здравствена организација (СЗО), бројот на смртни случаи во светски рамки е речиси 6.500, а има над 164.000 потврдени случаи.