Mohamed Sabry Emam Muhammed
10 Август 2019•Ажурирај: 11 Август 2019
ГАЗА (АА) - Израелските сили застрелаа четворица Палестинци во близина на безбедносната ограда со Појасот Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Израелската Армија соопшти дека четворицата мажи наводно биле вооружени со пушки АК-47, рачни гранати и ракетен фрлач на гранати и дека нивните телата се наоѓаат кај израелските власти.
Палестинската група на отпорот, Хамас, која е на власт во Појасот Газа, ги осуди убиствата, нарекувајќи ги ново израелско злосторство против Палестинците.
„Израел е одговорен за гневот и притисокот во Газа кои се резултат на блокадата“, изјави портпаролот на Хамас, Абдел-Латиф ал Кануа.
Израел и Хамас постигнаа неформален прекин на огнот во мај.
Палестинците одржуваат неделни протести во близина на границата со Израел со кои бараат ставање крај на 12-годишната израелска блокада врз Појасот Газа, која ја уништи економијата на крајбрежната енклава и ги лиши нејзините два милиона жители од основните животни потреби.
Откако започнаа седмичните протести во Газа минатата година, загинаа речиси 270 демонстранти, а илјадници беа повредени од страна на израелските трупи распоредени во близина на тампон-зоната.