Ekipa
24 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
ЕРБИЛ (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, за време на посетата на Ербил во северен Ирак изјави дека неговата земја го поддржува територијалниот интегритет на Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
„Го поддржуваме територијалниот интегритет на Ирак. Секогаш отворено се залагавме за правата на Регионалната курдска управа, како и за правата на нашите браќа Курди“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата по состанокот со претседателот на Регионалната курдска управа на северниот дел на Ирак, Месут Барзани.

Тој истакна дека за време на посетата на Ербил, разговарале за акцијата протв терористичката организација ДЕАШ, ПКК и за планираниот референдум на тоа подрачје.
Чавушоглу нагласи дека за време на разговорот со Барзани јасно го изнел ставот на Турција во врска со прашањето за оддржување на референдумот.
„Ние сакаме мир и благосостојба во тој регион“, изјави Чавушоглу, додавајќи дека референдумот не би донел мир и стабилност.
Тој нагласи дека одржувањето на референдумот не би бил правилен чекор.
„Направивме големи напори за стабилноста на овој регион. Секогаш бевме конструктивни по прашањето за јакнење на Регионалната курдска управа и нејзината економија, како и по прашањето за нашата меѓусебна соработка. Ние немаме проблем со курдските браќа. Имаме проблем со ПКК и со ЈПГ. ПКК и ЈПГ се непријатели и на Курдите на ова подрачје“, изјави турскиот шеф на дипломатијата.
Тој истакна дека Турција барала од Ербил и од Багдад со дијалог да ги решат сите прашања, вклучувајќи го и прашањето за референдумот.
Турција претходно предупреди дека плановите на челништвото на ирачкиот полуавтономен курдски регион во Ирак, да се одржи референдум за независност на 25 септември, би можеле да доведат до граѓанска војна.