Muhammet Tarhan,Ömer Tuğrul Çam
04 Март 2022•Ажурирај: 05 Март 2022
АНКАРА / БРИСЕЛ
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, истакна дека на Форумот за дипломатија во Анталија (ADF) би сакале да ја видат и украинската и руската страна, барем на министерско ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу одржа прес-конференција во седиштето на НАТО каде што престојува по повод вонредниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО за руско-украинската војна.
Истакнувајќи дека Форумот за дипломатија во Анталија (ADF) што ќе се одржи од 11 до 13 март може да биде погодно место за мировните преговори во кои ќе учествуваат руската и украинската страна, Чавушоглу потсети дека планирале министрите за надворешни работи на двете земји да ги сретнат пред почетокот на војната.
Наведувајќи дека вчера разменил пораки со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, Чавушоглу изјави дека неговиот руски колега потврдил дека ќе дојде во Анталија.
„Ние би сакале да ги сретнеме украинската и руската страна, барем на министерско ниво. Би биле среќни доколку Форумот за дипломатија во Анталија би придонел во ова. Се чини дека има сојузници и министри за надворешни работи или претставници на меѓународните организации кои сакаат да се сретнат со Сергеј Лавров на маргините на овој форум“, нагласи Чавушоглу.
Во врска со бројот на турски државјани евакуирани од Украина, Чавушоглу рече: „Заклучно со вчера, евакуирани се 9.653 турски државјани.“
- „Отвореноста на турскиот воздушен простор е важна од стратешки и хуманитарен аспект“
Од друга страна, Чавушоглу, истакна дека турскиот воздушен простор го држат отворен, и додаде: „Доколку воздушниот простор беше затворен, вчера немаше да можеме Специјалната набљудувачка мисија на ОБСЕ од Сочи да ја донесеме во Истанбул.“
Нагласувајќи дека отвореноста на турскиот воздушен простор не е важна само за Турција туку и за земјите кои воведуваат санкции и нивните граѓани, Чавушоглу рече: „Отвореноста на овој воздушен простор е стратешки и хуманитарно важна. Затоа го држиме воздушниот простор отворен.“
Министерот Чавушоглу, наведувајќи дека продолжуваат разговорите со двете земји за трансфер на турските граѓани од Украина во Русија и нивна евакуација во Турција, додаде: „Ги продолжуваме нашите напори за евакуација на нашите граѓани во регионите североисточно од Украина преку Русија, особено нашите граѓани во Суми. Нашиот план е готов. Нашите автобуси чекаат и на руска страна. Откако ќе ги префрлиме нашите граѓани во Русија, од соодветниот аеродром со „Туркиш ерлајнс“ ќе ги донесеме во Турција.“