Şerife Çetin
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
БРИСЕЛ (АА) – Северноатлантскиот совет на НАТО, кој е составен од 29 членки, преку соопштение, потсетувајќи на тоа дека Русија со примена на насилство пред 5 години го присвои Крим, истакнува дека оваа анексија го прекршува меѓународното право, и влијае врз безбедноста на евроатлантскиот регион, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Овој настан покрај тоа што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина го прекршува и меѓународното право, а влијае и врз безбедноста на евроатлантскиот регион“, се вели во соопштението на Северноатлантскиот совет.
„Остро го осудуваме незаконското присвојување на Крим кон Русија. Ние упатуваме повик до Русија да го врати Крим на Украина“, се додава во соопштението, во кое се нагласува и дека НАТО го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Во изјавата, исто така, се вели дека членките на НАТО се длабоко загрижени поради кршењето на човековите права на кримските Татари, повикувајќи ја Русија итно да престане со кршењето на правата.
- „Под овие услови односите не можат да се нормализираат“ -
Во соопштението стои дека се осудува употребата на насилство од страна на Русија во Керченскиот Теснец и Азовското Море и зголемувањето на воената моќ на Русија во Крим.
Освен тоа, НАТО исто така е загрижен поради планот за зголемување на воената активност на Русија во Црното Море.
„Сè додека Русија не се придржува до меѓународните закони и обврски не може да дојде до нормализација на односите“, се потенцира во соопштението на Советот.