Yusuf Hatip
17 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
ИСЛАМАБАД (АА) - Премиерот на Пакистан, Наваз Шариф, изјави дека е длабоко тргогнат и горд поради храбриот чин на турскиот народ, кој со голи раце застана пред предавниците и го одбрани демократскиот поредок на Турција за време на неуспешниот обид за воен удар на терористичката организација ФЕТО, во јули оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Шариф денес во Исламабад се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој престојува во дводневна официјална посета на таа земја. За време на заедничката прес-конференција, Шариф истакна дека Пакистан и Турција негуваат интензивни билатерални односи што се темелат на историското пријателство.
„Пакистанскиот народ беше тажен по обидот за пуч на 15 јули во Турција. Трогнати сме и горди на храбриот чин на народот во Турција, кој застана пред пучистите што сакаа да го срушат демократскиот поредок на таа земја. И во оваа пригода повторувам дека Пакистан цврсто ја поддржува демократски избраната власт и институциите на Република Турција“, изјави Шариф.
Тој рече оти е уверен дека под водство на Ердоган, „харизматичниот лидер со визија“, Турција ќе го продолжи својот пат кон просперитетот. Шариф пренесе дека на денешниот состанок било разговарано за унапредување на билатералните односи и дека е донесена одлука економската соработка да се унапреди на стратешко ниво.
„Пакистан и Турција имаат важна геополитичка положба и сите сме сведоци дека на овие простори се случуваат различни судири, турбуленции и проблеми. Особено разговаравме за тоа, и Пакистан и Турција и понатаму ќе работат за да останат пристаниште на стабилност во своето соседство“, изјави Шариф.
Тој му се заблагодари на турскиот претседател Ердоган за поддршката во процесот на мирно решавање на кризата во Кашмир, и изјави дека се согласува со ставот на Турција дека организацијата за исламска соработка (ОИС) треба да биде вклучена во тој процес.
Шариф исто така изјави дека со турската делегација денес договорил во наредната година, на соодветен начин да се одбележи јубилејот, 70 години од билатералните односи на двете земји.
„Пакистан и Турција се две земји што во своите региони и, генерално, на меѓународната сцена, работат заеднички на јакнењето на мирот, безбедноста, развојот и просперитетот, и на тој пат се неразделни“, заклучи Шариф.