Bayram Altuğ
15 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
БЕРН (АА) – БАЈРАМ АЛТУГ -
Швајцарскиот претседател Гај Пармелин рече дека односите со Турција и Швајцарија се добри и дека сака следната година да ја посети Анкара за тие дополнително да бидат унапредени.
Трговските односи помеѓу Швајцарија и Турција зедоа замав. Порасна и интересот на швајцарските компании за вложувања во Турција. И покрај пандемијата на коронавирусот во 2020 година, извозот на Турција во Швајцарија порасна за 14,8 проценти, а обемот на трговската размена за 9 проценти.
Швајцарскиот претседател Пармелин во Берн се состана со репортерите кои се членови на Здружението на странски репортери во Швајцарија (АПЕС), а во таа пригода зборуваше и за надворешната политика на својата земја.
За Агенција Анадолија (АА) ги искоментира билатералните односи помеѓу Турција и Швајцарија.
„Мислам дека нашите односи со Турција се многу добри“, рече Пармелин.
Тој потсети на посетата на државната секретарка на Министерството за надворешни работи на Швајцарија, Ливиа Леу, на Анкара минатиот месец.
Пармелин изјави дека на маргините на состанокот на министрите за трговија и земјоделство на земјите од групата Г-20 одржан во Соренто, Италија, се состанал со турскиот министер за трговија, Мехмет Муш, на кого му кажал дека сака да ја посети Турција.
„Стапи на сила Договорот за слободна трговија на Турција и државите на Европската асоцијација за слободна трговија (заб. на авт. ЕФТА). Поради тоа, одржувањето на првите билатерални разговори следната година ќе привлече многу внимание. Покрај тоа, нашите односи и од економски аспект се многу добри“, рече Пармелин.
Додаде дека сака да ја посети Турција со цел развивање на билатералните односи.
„Не сум сигурен за датум. Треба да постигнеме договор со турската страна, што е и природно“, рече Пармелин.
Швајцарски извори за АА наведоа дека министерот за надворешни работи на Швајцарија, Игнасио Касис, би требало да ја посети Турција следниот месец .