Atila Altuntaş
04 Мај 2023•Ажурирај: 05 Мај 2023
СТОКХОЛМ (АА)
Шведскиот Парламент го усвои новиот Закон за антитероризам, кој се смета за важен чекор кон тоа Туркије да го одобри членството на оваа нордиска земја во НАТО, јавува Анадолу.
Предлог-законот беше усвоен со 268 гласа за и 34 гласа против, а 47 пратеници беа отсутни. На Предлог-законот се спротивставија Левицата и Партијата на зелените.
Законот има цел да го криминализира членството во терористички организации во земјата.
Лицата што учествуваат во терористички активности или соработуваат со терористички организации ќе бидат осудени на затворска казна до четири години.
Според Законот, ова ги вклучува сите оние што учествуваат во активности со намера да поддржат, зајакнат или охрабрат терористичка организација.
Доколку има отежнувачки причини, казната за овие кривични дела ќе биде минимум две години, која може да биде зголемена максимум до осум години за сторени тешки дела.
Оние што се вклучени во кривични дела, како што се снабдување на оружје, муниција, запаливи и експлозивни материјали, транспортна поддршка и најмување земјиште и имот на терористичка организација, може да бидат осудени на затворска казна до четири години.
Доколку има отежнувачки причини за овие кривични дела ќе се изрекуваат затворски казни од 1,5 до 7 години.
Законот им дава на властите многу пошироки овластувања да приведат и гонат луѓе што финансираат или на некој друг начин поддржуваат терористички организации.
Законот ќе стапи во сила на 1 јуни.
- Кандидатурата на Шведска за членство во НАТО
Вознемирени од руската инвазија на Украина пред една година, Финска и Шведска ја напуштија својата повеќедецениска политика на неврзаност и во мај поднесоа барање за членство во сојузот.
Меѓутоа, Туркије, која е членка на НАТО повеќе од 70 години, побара од двете нордиски земји да преземат конкретни мерки против терористичките организации, како што се ПКК и ФЕТО, за да му се придружат на сојузот.
Во јуни Финска и Шведска потпишаа Меморандум со Туркије за решавање на безбедносната загриженост на Анкара, а високите дипломати и официјални претставници од трите земји оттогаш одржаа различни состаноци за да разговараат за спроведувањето на трилатералниот договор.
Шведска во ноември минатата година усвои Закон за антитероризам, надевајќи се дека Анкара ќе ја одобри кандидатурата на Стокхолм за придружување во НАТО. Новиот закон, кој стапува во сила на 1 јуни, ќе им овозможи на властите казнено да ги гонат поединците што ги поддржуваат терористичките групи.
Турскиот Парламент на 31 март ја одобри кандидатурата на Финска за придружување во НАТО, што е показател за поддршката на Туркије за политиката на отворени врати на НАТО.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.