Mücahithan Avcıoğlu
23 Април 2026•Ажурирај: 23 Април 2026
Извршниот директор на Меѓународната агенција за енергија (МАЕ), Фатих Бирол, денес предупреди дека светот се соочува со најголемата закана за енергетската безбедност во историјата бидејќи војната со Иран и континуираното затворање на Ормускиот Теснец сериозно го нарушуваат глобалниот транспорт на енергенти, пренесува Анадолу.
„Се соочуваме со најголема закана за енергетската безбедност во историјата“, изјави Бирол во интервјуто за „Си-ен-би-си“ на настанот „Конверџ лајв“ во Сингапур.
Тој посочи дека пазарот веќе изгубил снабдување од 13 милиони барели нафта дневно и дека се бележат големи прекини кај клучните стоки.
Бирол ги повтори претходните предупредувања дека војната со Иран и тековната блокада на Ормускиот Теснец би можеле да ја предизвикаат најголемата енергетска криза со која некогаш се соочил светот, укажувајќи на централната улога на овој воден пат во глобалната трговија со нафта.
Пред војната низ теснецот дневно, во просек, минувале по 20 милиони барели нафта и нафтени деривати.
Сега маршрутата е под она што Бирол го опиша како „двојна блокада“, при што ниту Иран ниту САД не дозволуваат влез или излез на бродови од теснецот.
МАЕ го опиша Ормускиот Теснец како една од најклучните транзитни точки за нафта во светот и предупреди дека неговото затворање може да го ослаби глобалниот економски раст, да ја поттикне инфлацијата и да предизвика рационализација на енергијата.
Бирол предупреди и на зголемениот ризик од недостиг на гориво за авиони во Европа, велејќи дека регионот во голема мера се потпирал на рафинериите од Блискиот Исток.
„Околу 75% од авионското гориво Европа добива од рафинериите на Блискиот Исток, а тоа сега е практично нула“, рече тој, додавајќи дека Европа се обидува да обезбеди алтернативни пратки од САД и Нигерија.
Тој нагласи дека Европа би можела да се соочи со сериозни тешкотии доколку не се обезбеди дополнителен увоз и додаде дека можеби владите ќе треба да размислат за мерки за ограничување на воздушниот сообраќај доколку продолжи прекинот во снабдувањето.
„Навистина се надевам, пред сè, дека теснецот ќе биде отворен и дека оттаму ќе започне извозот од рафинериите“, изјави Бирол.
Во март 32 земји членки на МАЕ се согласија да ослободат 400 милиони барели нафта од итните резерви во обид да го ублажат влијанието од шокот во снабдувањето.
Сепак, претходно овој месец Бирол изјави дека секое второ ослободување на итните резерви би обезбедило само привремено олеснување, а не трајно решение на кризата.
„Решение е отворање на Ормускиот Теснец“, порача тој, повикувајќи ги владите да ја зајакнат отпорноста преку алтернативни извори на енергија, вклучително и нуклеарна енергија и поефикасни технологии, како што се електричните возила.