Necva Taştan Sevinç
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Норвешка планира да воведе минимална старосна граница од 16 години за користење на социјалните мрежи, со што ќе ги зајакне постојните правила и ќе им наметне одговорност на технолошките компании за верификација на возраста на корисниците, изјави денес премиерот Јонас Гар Стjoре, јавува Анадолу.
Се очекува предлогот да биде претставен пред Парламентот подоцна оваа година.
Според известувањата на норвешкиот јавен сервис НРК, мерката би го оневозможила пристапот до социјалните платформи до 1 јануари во годината кога корисникот полни 16 години.
Доколку биде одобрена од пратениците, оваа одлука би можела да стапи на сила веќе следната година.
„Ги сослушавме предлозите од консултациите, вклучително и од децата и младите луѓе кои нѐ насочија во тој правец“, изјави министерката за деца и семејства, Лене Вагслид.
Владата претходно предлагаше граница од 15 години врз основа на датумот на раѓање, но се одлучи за построг и поуниформен систем. Властите тврдат дека дозволувањето на сите корисници родени во иста година да добијат пристап истовремено ќе ги спречи социјалните поделби во рамките на училишните класови.
- Заштита на децата од алгоритми -
Премиерот Стјоре истакна дека овој потег има за цел да ги заштити децата од влијанието на моќните алгоритми.
„Постои неусогласеност кога детскиот мозок на таа возраст се става наспроти алгоритмите развиени од највештите технолози во светот“, изјави тој.
Според предлогот, компаниите за социјални мрежи ќе бидат обврзани да ја верификуваат возраста на корисниците при најава, со механизми за спроведување поврзани со рамката на Законот за дигитални услуги (DSA) на ЕУ.
Министерката за дигитализација, Кариан Тунг, изјави дека фирмите кои нема да се придржуваат до правилата би можеле да се соочат со санкции и високи парични казни.
„Сакаме закон кој поставува јасни барања до технолошките компании да се однесуваат одговорно“, рече таа.
Сепак, норвешката Управа за заштита на податоци изрази загриженост за планот, предупредувајќи дека оставањето на верификацијата на возраста на приватните компании може да ја загрози приватноста на корисниците.
„Сметаме дека, во принцип, ова не може да им се препушти на технолошките компании. Не веруваме дека приватноста ќе биде соодветно заштитена“, изјави Тобијас Јудин, раководител на сектор во Управата.
Предлогот доаѓа во време кога официјалните податоци покажуваат распространета употреба на социјалните мрежи меѓу децата, и покрај тековната минимална граница од 13 години. Според норвешкиот медиумски регулатор, 51 % од децата на возраст од 9 до 10 години и 74 % од оние на возраст од 11 до 12 години биле активни на социјалните платформи во 2026 година.
Слични напори се во тек и во други земји. Австралија неодамна воведе старосна граница од 16 години, иако тамошните власти известуваат дека многу малолетни корисници сѐ уште успеваат да ги заобиколат рестрикциите.
Велика Британија, во меѓувреме, бара од платформите да ја верификуваат возраста само таму каде што постои ризик за децата.